Атлетска Федерација на Македонија со диктаторско раководство

Вториот текст кој беше награден на конкурсот за „Граѓански новинар“ е напишан од нашата атлетичарка Весна Кираџиева.
Нејзиниот текст во целост ги доловува случувањата во АФМ.

Прочитајте го текстот на Кираџиева во продолжение.

Атлетска Федерација на Македонија со диктаторско раководство

            Атлетиката како спорт во светски рамки се смета за кралица на спортовите. За жал, тоа не е случај во Македонија. Кај нас, повеќето не ни знаат дека постои таков спорт како атлетика. Можеби во последните години, благодарение на Скопски маратон и клубовите како Индјуренс (Endurance.mk) трчањето стана поактуелно, но тоа е момент кој Атлетската федерација на Македонија (АФМ) не го користи за да привлече повеќе атлетичари и пред сѐ млади талентирани деца за да напредува овој спорт и бенефитите кои младината може да ги извлече на долгорочен план.

Но ова е само една од многуте пропусти кои намерно ги прескокнува раководството на АФМ, бидејќи немаат личен интерес за дополнителен ангажман. А оние кои страдаат се секогаш атлетичарите за кои федерацијата не води апсолутно никаква грижа. Атлетичарите и нивните тренери со години бараат од федерацијата да обезбеди основни услови за тренирање. Единствен терен кој атлетичарите го имаат за тренирање е Арена Филип II (Градски стадион) кој го делат со Фудбалска федерација. Но, со оглед на тоа што Градски стадион е фудбалски дом, секогаш кога на стадионот има фудбалски натпревар или повежен тренинг на фудбалерите, тогаш вратите се затвораат за атлетичарите и тие мора да се снаоѓаа каде да го завршат предвидениот тренинг, бидејќи во 95% од случаите, клубовите, тренерите и атлетичарите не се навремено известени за ова и дознаваат кога веќе ќе дојдат на стадион.

Често се случува АФМ да ги нема навремено подмирено трошоците кон концесонерот на Арена Филип II по неколку месеци, за кој временски период повторно атлетичарите се оние кои губат. Во оние денови кога атлетичарите имаат среќа да тренираат на Арена Филип II, бидејќи е единствен стадион кој има соодветна атлетска патека, тие немаат соодветни гардероби, па и зимно време на температури длабоко под нула и летно време на екстремно високи температури тие се пресоблекуваат на трибини, да не зборуваме за хигиенски услови со тоалет и тушеви за после тренинг. Со години наназад атлетичарите бараат од АФМ да направи дополнителен ангажман за да се обезбеди една женска и една машка гардероба, но тие со години не прават ништо, повторно бидејќи не е во нивен личен интерес да се ангажираат дополнително. Ваквите неповолни услови само дополнително ги одвраќаат младите талентирани деца и нивните родители да покажат интерес за овој спорт и да останат да тренираат и напредуваат.

Оние најупорните кои ќе останат за љубов кон овој спорт и ќе стигнат до сениорска категорија и некој солиден резултат вреден за споменување, не добиваат никаков соодветен третман од федерацијата. Напротив, секој пат кога некој од овие спортисти кои станале национални шампиони, рекордери или потенцијални олимписки претставници и ќе стигнат да си го бараат она што го заслужуваат, како стипендија, опрема, подготовки, платени тренинг кампови во странство и трки на кои ќе можат да се натпреваруваат рамо до рамо со конкурентите од странство, АФМ ги смета за “непријатели“ кои само ја критикуваат федерацијата и без најава ги суспендира. Огормен број талентирани атлетичари така се имаат откажано во моменти кога имале најголем потенцијал да бидат меѓу најдобрите на Балканот и во Европа.

Тоа беше и случајот на последното Европско првенство во планинско трчање кое се одржа на Водно. На домашен терен АФМ не најде за сходно да направи дополнителни напори за своите атлетичари да добија соодветен третман. Селекторот не направи соодветна селекција кој од потенцијалните атлетичари да настапи за репрезентативниот тим, па Секретарот и Претседателот ги натераа атлетичарите самите меѓу себе да се договорат кој ќе трча, или да се тркаат меѓу себе на ден пред трка (како да се на час по физичко) или да влечат ждрепка! Откако атлетичарите не се согласија на ова и решија да ја бојкотираат трката, без никакво објаснување и известување, по неколку месеци дознаа дека биле суспендирани. За ова не беа известени ниту клубовите, ниту било одржано било каков состанок на дициплинска комисија за да бидат ислушани атлетичарите за да дадат образложение за своите постапки. Диктаторското водство на АФМ на чело со актурлениот претседател, потпретседател, селектор и секретарот со нивната комисија работат со години под исто мото – кадија те тужи, кадија се суди!

Репрезентативците на АФМ никогаш не добиваат стипендија ниту соодветен месечен надомест и дневници за нивните настапи под знамето на Македонија, за што сите останати репрезентации добиваат. АФМ добива финансиска помош не само од Агенција за Млади и Спорт, туку и од Интернационална Атлетска Асоцијација (IAAF) и Европска атлетска федераци, но атлетичарите, клубовите и тренерите не знаат што се случува со овие финансии. Ниту има инспекција која проверува што се случува во Федерацијата. Клубовите не добиваат детален, транспарентен годишен финансиски извештај.

Атлетичарите и клубовите со години наназад се обидуваат да најдат решение и одговор на оваа диктатура и пред Агенција за Млади и Спорт (АМС) и пред Македонски Олимписки Комитет, но сите креваат раце, се дистанцираат од проблемот под изговор дека не е нивни проблем да се мешаат во работата на федерациите и на крајот од денот се вртиме во еден магичен круг на: никој не е виновен за ништо; никој ништо не знае и никој не се меша никаде, додека атлетиката тоне и тоне. На ранг листите нашите атлетичари се секогаш на дното, атлетичарите кои се праќаат на Олимпијади одат да се прошетаат без остварена норма, ниту некој позначаен придонес за атлетиката, а Претседателот се фали и се слика со еминентни ликови од светот на атлетиката преправајќи се дека дома сѐ е супер.

Минатата година на редовното Собрание, мнозинството покрена регуларна постапка за изгласување недоверба на Претседателот на АФМ и неговото раководство, но не се водеше демократско собране на кое собраниците демократски го користат своето право да се изјаснат, а Претседателот на сопствена иницијатива го распушти собранието без никаков заклучок и одтогаш не е свикано ново.

Ова се проблеми со кои се соочуваат и други федерации, последен инцидент е Пливачката федерација со паралелни федерации и таму пливачите беа тие кои страдаат. И таму АМС крева раце и не сака да се меша. Доколку е така, тогаш кој е одговорен, пред кого одговараат овие луѓе? На кого да се пожалат спортистите, млади деца кои наместо гордо да го вејат Македонското знаме со врвни успеси,тие треба да се расправаат со закоравени, диктаторски раководства кои не мрдаат со прстот за напредок, ниту имаат реален капацитет и познавање на прогресот на спортот во светски рамки?

Автор: Весна Кираџиева

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s