Имавме прилика да поразговараме со Магдалена и Силвија од НВО ТАКТ и да ни кажат нешто повеќе околу нивната организација. За секојдневната борба со стереотипите и за тоа како се соочуваат со предизвиците на тема родова нееднаквост. Како и за впечатоците од настанот Жени во спортот. Во продолжение прочитајте го интервјуто.
ЖС. Колку години постои такт и која е основната цел на оваа организација?
М. 4 години постои, ТАКТ е млада организација, но многу амбициозна и многу работна. Тоа што е интересно за нас е дека се најдовме во една интересна ситуација во која што за жени и спорт не се зборуваше. ТАКТ тука пополни една голема дупка во општеството и потребата од општествени промени и на тој начин станавме брзо многу видливи, па во рок од четири години добивме партнерства, национални, интернационални и регионални. Главната цел на оваа организација е спорт, родова еднаквост, работиме во програма спорт за развој и спорт и дипломатија и тоа се главните три столба на организацијата.

ЖС. Зошто баш тема спорт?
С. Кога ја основавме организацијата, неколку од нас беа спортистки и имаме сите искуства како спортистки и знаеме со кој бариери и предизвици се имаме соочувано, во текот на нашите професионални кариери. И најдобро е кога се бориш и залагаш за нешто, меѓутоа преку едно свое искуство. Знаеме какви биле предизвиците, тешкотиите, бариерите и знаеме на кој начин тие проблеми да ги адресираме и да најдеме заеднички решенија.
М. Мојата позадина е во проектен менаџмент, стратегии за финансирање, менаџирање и развој на организации, со тоа професионално се поколпивме, да креираме едно партнерство кое до сега функционира перфектно.
ЖС. Дали вие некогаш сте биле дискриминирани со оглед на тоа дека сте се занимавале со спорт?
С. Да. Многу пати не еднаш. Првото мое дискриминирачко искуство е кога не бев наградена подеднакво како што беа моите мажи колеги на натпревар по параглајдерство. Потоа кога сакав да работам во параглајдерство и во рамките на федерацијата којашто го покрива параглајдерсвото. Низ текот на кариерата се соочував со голем број на дискриминаторски односи од мажите колеги, од мажите којшто се вклучени во оваа област. Но дискриминацијата ја осетив во најтешка форма кога бев бремена во третиот месец и не можев да продолжам да работам. Тоа беше нешто што ме освести и сфатив колку многу е тешко да си жена на вакво поле каде што доминираат мажите.
ЖС. Какви беа реакциите на почетоците од работењето на ТАКТ? колку сериозно ве сфаќаа соговорниците?
М. На почетокот беше многу тешко, првите состаноци и првите поддршки што ги баравме како организација, не наидуваа на некој ефект. Беше потребно да се вложи многу енергија, голема упорност и тактика за да се зголеми видливаста за потребата за организација како ТАКТ. Почетоците на секоја организација, на секое здружение, без разлика дали е тоа „грас рут“ или организација која што е регистрирана како главен совет е да се биде истраен и упорен во тоа што се работи. Тоа е и една од главните работи што ТАКТ ги направи, што не се откажа. Интензивна работа, постојано обидување, имаше на почетокот многу неуспеси но на крајот се покажа дека упорноста значеше многу за нас.
ЖС. Според вас колку се работите променети од почетокот, па се до сега во однос на еднаквоста на жените во спортот? Постои ли напредок или уште стоиме во место?
С. Промени има, сега не се тие промени кои ние сакаме да ги видиме, меѓутоа од самиот почеток, па еве до сега гледаме дека има промени. Она што го гледам како промена, а многу ме радува е разбирањето од потребата за еднаквоста во спортот. Како и разбирањето дека треба да се вклучат што поголем број на жени во сите процеси и во сите сфери од спортското дејствување. Дали е тоа Грас рут, дали е рекреативен спорт, професионален, дали се тоа лидерски позиции или пак поголема вклученост на жени во процес на донесување на одлука. Имаме отворена врата и поддршка од Агенцијата за Млади и Спорт, соработуваме со многу федерации, со Владата, соработуваме со други женски организации кој што работат исто на родова еднаквост и мислам дека владее една позитивна клима, којашто предходно не ја почувствувавме кога го основавме здружението. Можеби работите не се движат со она темпо со кое ние би сакале да видиме дека се движат, меѓутоа има некоја прогресивна мисла и има некој измени. Тоа на што алудирам дека е многу потребно да се види млад кадар, на местото на оние вработени во раководниот кадар којшто со години се на истата позиција и едноставно не се креативни, не се иновативни и не гледаат начин како да изнајдат добри решенија за ова што ни се случува во спортот. Доколку се направи простор за млади амбициозни девојки и жени мислам дека целата работа ќе тргне многу побрзо во позитивна насока.

ЖС. Дали се декларирате себеси како феминистки?
М. Апсолутно. Со тоа што морам да кажам дека постојат различни видови на феминизам и тоа мора сите да го знаат. За мене е многу важно еднаквата вклученост и на мажите и на жените во феминистичката борба. Не е срамота и еден маж да каже дека е феминист и не треба да има никаква дилема во однос на тоа затоа што феминисти се сите луѓе кој што се борат за еднаквост. Една од нашите главни кампањи ќе биде вклучување на мажите во поддрша на жените во спортот.
С. Не знам зашто кај нас постои тој баук околу феминизмот. Кога зборуваме со некои жени спортистки и ќе ми кажат „Јас не сум феминиста меѓутоа сакам…“ ивини ама тоа значи дека си феминистка чим ти се бориш за еднакви права. Феминизмот има многу лоша конотација, веројатно од минатото и постојат жени кои се малку побурни и кои поинаку реагираат на тие стереотипи и родови улоги, има некој други жени кои на друг начин се справуваат со таа ситуација, така што зависи и од карактерот и од сензибилитетот на жената. Меѓутоа да. Дефинитивно сме феминистки и јавно без срам треба тоа да го кажат сите што се залагаат за еднакви права дека се феминистки затоа што нема ништо лошо во тоа.
ЖС. Декември е месец кога се доделуваат признанијата на најдобрите во спортот. Па какви се вашите впечатоци од настанот?
М. Впечатоците се прекрасни. Пред се добивме многу позитивен фидбек од сите страни, дури од места од каде што не очекувавме, тоа што беше специфично дури и од мажи. Добивме апсолутна поддршка. За нас беше позитивно искуство бидејќи беше прв настан од овој тип, не знаевме што да очекуваме, но тоа што го создадовме беше фантастично.
С. Ми кажаа дека сме направиле револуција. По тоа знаеме дека било добро. Успеавме на едно место да ги собереме сите жени кои се легенди, кои се препознаени по своите спортски достигнувања, а многу ретко постојат такви настани каде жените може да се обединат и да се организираат да бидат заедно. Имам присуствувано на свечени доделувања на награди каде 90% се мажи, а 10 % жени и од таму потекна и самата идеа да го организираме овој настан. Сакавме жените да бидат во фокусот на вниманитето. Тоа значи дека жени ќе бидат презентерки, жени ќе бидат номинирани и жени ќе бидат поканети како гости. Затоа што многу често кога ќе стигне покана за било каков јавен настан во било која организација или федерација, најголем број на тие што одат се мажи и многу ретко жените имаат пристап до вакви настани и тоа сакавме да го промениме и мислам дека успеавме. Затоа што ни кажаа дека сме направиле револуција, дека сме направиле некаков вид на новост, на мобилизирање, на инспирирање и дека дефинитивно треба да ја продолжиме оваа традиција и веќе дури од сега го планираме следниот настан за во декември.

ЖС. Кои се идните планови и проектни на Такт?
М. Главната наша стратегија ќе се движи во три насоки. Главната секогаш останува родовата еднаквост и спортот, влегуваме во едно интересно партнерство со ГИС во насока на креирање на спортски програми во општините. Прва партнер општина ќе ни биде општината на Крива Паланка, програмата е спорт за развој и во рамките на таа програма вклучуваме социјална инклузија и родова еднаквост со што креираме спортска порграма која ќе остане како еден елемент на одржливост во самата општина. Третата програма е спортска дипломатија.
С. Спортска дипломатија е нешто ново на глобално ниво, меѓутоа ние бидејќи сакаме да бидеме во тренд со Европа и останатите земји го следиме овој тренд. Тоа е воспоставување на добрососедски односи, соживот, градење на пријателства, на добри односи и релации преку спорт. Сакаме да ги поврземе земјите од регионот преку спортот, затоа што сметаме дека спортот има огромна моќ да обединува и да гради вредносен систем којшто почива на фер, респект, дисциплина, соживот и солидарност. И сакаме тоа да го промовираме затоа што мислиме дека во нашето општество има голема потреба од тоа. Меѓутоа родовата еднаквост е секогаш многу важна компонента во било која активност што ја спроведуваме. Секогаш внимаваме таа да биде промовирана, секогаш да биде родово еднаква и обуката која ја спроведуваме да биде насочена и кон жени и кон мажи, затоа што тоа е она што го почнавме и сакаме да го спроведеме до крај.