This is Herstory: Спорт и уметност на едно место

Вчеравечер во Кино Култура беа премиерно прикажани четири кратки документарни филмови во режија на Игор Христов по идеа на Илина Арсова. Филмовите обработуваат неколку теми, меѓу кои и жените во светот на екстремните спортови. Па така присутните имаа можност да се запознаат со личните приказни на четири Балкански хероини, Ута Ибрахими од Косово, Гркинката Аргиро Папатанасиу, Александра Тоткова од Бугарија и нашата Иалина Арсова.

По проекцијата се обрати и режисерот кој даде краток осврт на тоа како се одвивал овој проект. „Сите тие се движат по еден трнлив пат за да ги достигнат своите стремежи и мечти и се надевам дека со силата на кино јазикот помогнавме да имаат нешто што ќе можат да го покажат на целиот свет и на тој начин да можат да стигнат полесно до финансии за да продолжат кон своите цели“.  Изјави режисерот Христов.

Свое обраќање имаше и Илина Арсова, дамата која е иницијатор на овој проект „Пораката е јасна, сакаме да поттикнеме позитивни навики кај сите особено кај најмладите, да спортуваат да се рекреираат, а особено да ја почитуваат средината во која живеат. Во овој краток серијал имавме девојки, атлети од областа на качувањето, во иднина ќе имаме девојки и атлети од целиот свет, глобално идеме со целиот проект. Нема да се задржиме само на Балканот и токму затоа го одбравме англискиот јазик како главен јазик. Овој проект го работиме со многу љубов и ентузијазам, повеќе ентузијазам отколку средства, но ете нека биде тоа една порака до институциите и министерствата повеќе да поддржуваат вакви креативни и квалитетни проекти коишто можат да поттикнат позитивни промени во општеството“.

Покрај проекцијата на кратките филмови имаше и изложба на делата на Илина Арсова и истата беше од продажен карактер, а средствата ќе бидат наменети за светскиот високогорски проект насловен 7 врвови. Односно поддршка за Илина како би можела да стане првата жена од Балканот која ги има искачено седумте највисоки планински врвови на сите континенти. До сега Арсова се има искачено на шест врвови и и преостанува уште врвот на Антарктикот. Женски Спорт и посакува многу успех на Арсова и се надевам дека нејзината мисија ќе биде успешно завршена.

Напишете коментар