Стоп на лепењето етикети!

Таа е најубавата, најсекси, најзгодната, најатрартивната… таа е лезбејка, таа е би сексуалка. Зошто во медиумите постојано се истакнуваат овие карактеристики на спортистките? Зарем тие не се и нјауспешните, најмудрите, најупорните, најистрајните, најхрабрите. Зошто медиумите не ја привлечат својата публика со овие вторите наслови? И всушност кому му е грижа за тоа дали некоја кошаркарка на крајот од денот заспива покрај жена или покрај маж? Кому му е грижа дали некоја ракометарка е одбрана за најзгодна во регионот?

Зошто никој не се сконцентрира на тоа дека жените немаат доволно време за тренинзи затоа што не се доволно платени и мора да работат дополнителна работа?

Зошто никој не работи на стратегија која ќе ја зголеми посетеноста на натпреварите на клубско и национално ниво кога ираат жени? Дали новинарот што ги лепи етикетите за лезбејките и најсекси спортистките има мајка, сестра, ќерка, братучетка? И дали ќе биде среќен ако некој го развлекува нејзиното име така како што тој го прави тоа „успешно“ за другите?

Мислејќи дека им давате комплимент на спортистките со тоа што кажувате дека се НАЈзгодни, секси и слично само го обезвреднувате целиот труд кои тие го вложиле за да постигнат некаков резултат во тоа што го работат.

И повеќе од било што, што ми пречи е што ниту еднаш не прочитавме текст за спортистите кои се најсекси, најубави кои се геј, или пак за оние женетите што по дискотеки пијат повеќе од чичковците пред кооперација и шармираат млади девојчиња, додека дома ги чекаат дечињата и сопругата.

Зошто кога ќе победи тимот на овие момци не искочи текст со наслов од типот „и покрај тоа што е геј успеа машки да извојува победа за својот тим“ ? Немојте да ме разберете погрешно немам ништо против геј луѓето, но ако тоа не е релевантно кај спортистите, зошто е релевантно за спортистките?

Токму поради тоа во овој момент ги поздравувам сите новинари кои ќе го прочитаат овој текст и се надевам дека ќе одвојат момент да поразговараат со нивните мајки, сестри, пријателки и да ги прашаат како тие како жени би се чувствувале кога на таков начин некој ќе го развлекува по медиумите нивното име, а воедно да размислат и како тие како дел од тоа семејство ќе се чувствуваат.

Сконцентрирајте се на квалитетите на спортистите, не на тоа како изгедаат или кој е нивниот партнер. Таквите текстови оставете им ги на оние кои се занимаваат со „жолт печат“ вие бидете доследни на професијата и известувајте за нивните резултати и успеси. Зошто на крајот на краиштата просто е невозможно една спортистка да нема убаво тело и да плени со убавина. Тоа е природата, сите жени се убави на свој начин, но сите спортистки се божици па макар се занимавале со шах, боди билдинг, кошарка, фудбал или уметничко лизгање.

Напишете коментар